Собранието денеска, во рамки на 47 седница, ја продолжи општата расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот во кој се вметнати и осумте амандмани усвоени на Комисијата за финансирање и буџет. Општата расправа почна во четвртокот, а може да трае пет дена.
Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ребалансот на буџетот генерира корупција, криминал, сиромаштија, богатење на политичките елити. Ребалансот, како што рече, дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата и ќе ја втурне државата и македонскиот народ во уште поголема сиромаштија и бесперспективност.
Ристески додаде дека овој ребаланс на Буџет е најголем во историјата на државата, од 4.37 милијарди евра. Смета дека тоа се многу пари, а малку капитални проекти, малку инвестиции, малку средства издвоени за проекти што ќе значат подобрување на животот во секојдневието на македонските граѓани.
Според него, овој ребаланс на Буџет е лош и се предвидува дефицит од 6,5 отсто. Во 2021 година, како што рече, ќе имаме зголемување на јавниот долг на државата. Укажа дека јавниот долг во моментов е највисок во историјата и изнесува 7,2 милијарди евра.
Диме Велковски од СДСМ реплицирајќи рече дека не се согласува со Ристески и дека во ребалансот на буџетот точно се дефинирани кои суми, каде, зошто и како треба да се потрошат до крајот на оваа година. Тие, како што истакна, се за економијата, стопанството… Потсети и на шесте пакети антикризни економски мерки кои се за зачувување на работните места. Велковски рече дека буџетот е многу реален, а не лицемерен.
Пратениците од опозицијата посочија дека ништо не се гради и инвестира, цените се повисоки, граѓаните се повеќе се задолжуваат, странските инвеститори ја напуштаат земјава, нема прочистување на судството, нема пари за здравството, а во следниот период ќе има, како што рекоа, вработување на партиски поддржувачи во администрација… Според нив, со оваа власт нема стабилна економија и нема капитални инвестиции и ова е, како што рекоа, „ребаланс за чиста манипулација“.
Лидија Тасевска од СДСМ истакна дека она што е најважно е дека продолжува финансискиот стимул за компаниите и за граѓаните, до целосно враќање на економијата на патот на економскиот раст.
Ја повика опозицијата да го поддржи ребалансот на буџетот и додаде дека тој е од заеднички интерес и само тој гарантира стабилна развојна економија и шанса за сите граѓани.
Собраниската расправа за ребалансот на Буџетот ќе продолжи во 15:30 часот.
На дневен ред на 47-та седница, по Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2021 година, се уште 46 точки. Како втора точка е Предлог-резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, која првично требаше да биде деветта точка.