Претседателот на египетскиот Уставен суд Адли Мансур положи денеска заклетва како привремен претседател на Египет, откако претходно војската го собори од власт досегашниот шеф на државата Мохамед Морси.
Церемонијата беше емитувана во живо од националната телевизија. Според указот на воените власти Мансур ќе ја извршува функцијата се до изборот на нов претседател, а датумот на изборите се уште не е определен.
Мансур во обраќањето на церемонијата вети дека ќе го штити републиканскиот систем на владеење и оти ќе ги почитува Уставот и законите.
– Најважната работа, која се случи на 30 јуни е тоа што Египќаните се обединија под исто знаме, изјави новиот претседател во врска со масовните протести, кои избија со барање за оставка на Морси.
Во меѓувреме египетската војска ја презеде контролата врз државните медуми и телевизиските станици, со кои управуваше организацијата Муслимански браќа, чии лидери се уапсени.
Повеќето египетски држави медиуми денеска едногласно го поздравија соборувањето на Морси од власт. Со големи црвени букви државниот весним „Ал Ахрам“ пишува дека „соборувањето на претседателот е револуционерно легитимно“, а весникот „Ал Акхбар“ објави дека „револуцијата на народот победи“.
Египетските државни медиуми јавија и дека лидерите на Муслимански браќа се наоѓаат во истиот затвор во Каиро, каде беше поранешниот претседател Хосни Мубарак, кој исто така беше соборен од власт.
Претседателот на политичкото крило на Муслимански браќа, Партијата на слободата и правдата и поранешен претседател на Парламентот, Саад ел Кататни беше уапсен заедно со Рашад ал Бајоми, еден од замениците-лидери на движењето. Тие двајцата се во затворот Торах во околината на Каиро, каде се наоѓаат Мубарак и неговите синови, Али и Гамал.