Меѓународната заедница повикува на брзо враќање на цивилната власт во Египет

Од:

Меѓународната заедница во првите реакции на случувањата во Египет изрази длабока загриженост за состојбата и повика на брзо враќање на цивилната власт во земјата.

Египетската армија синоќа го собори претседателот Мохамед Морси и го замени со претседателот на Уставниот суд, без да објави колку ќе трае преодниот период.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун повика на мир, ненасилство и дијалог во Египет, како и на воздржаност на сите субјекти во земјата.

Во првата реакција на ескалацијата на кризата во Египет, генералниот секретар на ОН изјави дека воената интервенција во политичките прашања во една земја секогаш предизвикува загриженост, заложувајќи се што е можно поскоро враќање на цивилната власт во Египет.

Европската унија ги повика сите страни во Египет да се вратат брзо кон демократскиот процес, преку нови претседателски избори. Американскиот претседател Барак Обама ги повика египетските воени власти да ги предадат на брз и одговорен начин сите овластувања на демократски избрана цивилна Влада преку отворен и транспарентен процес.

Во овој период на несигурност ја повикуваме Армијата да гарантира, дека се почитуваат правата на сите граѓани, особено правото на мирни собири и праведно и независно судење пред граѓанските судови, се наведува во соопштението на Обама по средбата во Белата куќа со советниците за национална безбедност и се повикуваат сите страни да се воздржат од насилства и да се обединат за обезбедување на трајно враќање на демократијата во Египет.

Обама објави дека ќе побара соодветна анализа и проучување на последиците од новата ситуација во однос на американската помош од 1,5 милијарди долари, што Вашингтон годишно ја доделува на Египет. Според американските закони, не може да се доделува помош за земја во која е извршен воен удар.

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг побара воздржаност од сите страни во Египет, со цел да се спречи можноста од избувнување насилство низ земјата.

Во синоќешната изјава, шефот на Форин Офисот рече дека тој не поддржува воена интервенција како начин за надминување на разликите во еден демократски систем. Хејг ги повика сите партии во Египет „во овие кризни моменти да покажат лидерство и визија“ за повторно воспоставување на демократската транзиција.

Велика Британија и САД беа најгласни поддржувачи на сменувањето на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, давајќи му од почетокот поддршка на Морси. Франција, од своја страна, изрази надеж дека новите избори ќе бидат организирани во амбиент на граѓански мир, плурализам и почитување на индивидуалните слободи.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати го поздравија сменувањето на Морси. Во односите меѓу Ријад и Каиро имаше подолго време дипломатски тензии и недоразбирања што се појавија набргу по стапувањето на Морси на претседателската функција на 30 јуни минатата година, иако набргу по влегувањето во претседателската палата во Каиро тој замина во официјална посета на Саудиска Арабија.

Во Ријад, Морси беше срдечно пречекан од саудискиот крунски принц, кој во таа прилика ги величаше врските меѓу двете соседни земји. Но, набрзо потоа, дојде до забрзано заладување на саудиско-египетските односи.

ОАЕ од почетокот имаа големи резерви кон изборот на еден исламист и припадник на Муслиманското братство за претседател на Египет. Властите во Емиратите беа загрижени од можниот успех на Морси и на Братството, стравувајќи дека успехот на египетската исламистичка транзиција би можела да предизвика забрзан подем на исламистите и во ОАЕ.

Канада повика на конструктивен дијалог, додека Судан изрази надеж дека мирот и стабилноста ќе надвладеат во „братскиот Египет“. Бразил, исто така, изрази загриженост од тешката ситуација во Египет и повика на дијалог без насилство за излез од институционалната криза.

Организацијата „Амнести интернешнл“ упати до Египетската армија апел да стори се што е возможно за гарантирање на човековите права и безбедноста на сите во Египет независно од политичките убедувања.

Засега нема реакции од Катар на случувањата во Египет. Официјална Доха беше единстената од сите земји во регионот на Персискиот Залив, која целосно го подржуваше Мохамед Морси.

Би можело да ве интересира

Во близина на Египет потона туристички брод, спасени се 28 лица, потрагата по другите продолжува

Откриен вистинскиот лик на еден од најпознатите фараони во историјата

Предраг Петровиќ

43 повредени во автобуска несреќа во Египет

Железничка несреќа во Египет, има загинати и повредени

Египет упати апел до своите авиокомпаниите: Избегнувајте го воздушниот простор на Иран утре наутро

Египет бара формирање независна држава Палестина