Во Музејот на Македонската борба за државност и самостојност, синоќа беше промовирана монографијата „Галичник засекогаш” на авторот Киро Кипроски.
Книгата содржи написи, објавувани во весници, магазини, песни, анегдоти, сведоштва и необјавени текстови.
– Монографијата со пет поглавја, над двесте наслови и над тристотини фотографии е своевидна хроника за Галичник, центарот на мијачијата за изминативе педесет години, рече Кипроски на промоцијата.
На промоцијата говореше и академик Радован Павловски кој е и рецензент на монографијата, нагласувајќи оти хронологијата на галичката-петровденска свадба укажува на плодноста, размножувањето на битот, младоста, песната, кои се бележани со рационалност и точност од перото на роднокрајниот автор.
Промоцијата на монографијата беше проследена со културна програма на која беа изведени неколку фолклорни точки. Киро Кипроски е пензиониран новинар, кариерата ја започнал во радио Гостивар, а низ годините пишувал за Нова Македонија, Утрински Весник, МИА, Екран, Починка и други магазини.