Околу 100 службеници на ЦИА и членови на нивните семејства се наоѓаат меѓу околу 200-те американски службеници кои страдаат од мистериозниот „Хавана синдром“, изјави вчера директорот на ЦИА, Вилијам Барнс.
Барнс, кого американскиот претседател Џо Бајден како прв дипломат од кариера го постави на челното место на разузнавачката служба, во интервју за Националното јавно радио изјави дека ги засилил напорите на неговата агенција за да се утврдат причините за синдромот што се манифестира преку мигрена и вртоглавица.
Тој потврди дека, покрај другите чекори, задолжил висок офицер на ЦИА, кој претходно го водел ловот на Осама бин Ладен, да ја предводи работната група која го истражува синдромот и тројно да ја зголеми големината на медицинскиот тим вклучен во истрагата.
Агенцијата, исто така, од осум на две недели го скрати времето за кое лицата поврзани со ЦИА треба да чекаат да бидат примени во Националниот воено-медицински центар Валтер Рид, рече тој.
-Мислам дека длабока обврска на кој било лидер е да се грижи за луѓето и јас сум решен да го сторам тоа, изјави Барнс за НПР во првото интервју откако во март годинава стана директор на ЦИА.
„Хавана синдромот“, со симптоми како вртоглавица, гадење, мигрена и пропусти во меморијата, е именуван така затоа што за првпат бил детектиран кај вработените во американската Амбасада во Куба во 2016 година.
Барнс потсети дека американската Национална академија на науките во декември потврди дека веројатн теорија е дека синдромот е предизвикан од зраци на „насочена енергија“.
Постои „многу силна можност“ синдромот да е намерно предизвикан и дека Русија е можеби одговарна за тоа, рече Бурнс, воздржувајќи се од конечни заклучоци додека не заврши истрагата.