Министерството за внатрешни работи уверува дека контролата на привремениот граничен премин кон Косово, Стрезимир, кој повторно беше отворен во неделата, е како и на сите други гранични премини, откако денес Синдикатот на полиција на Македонија обвини дека преминот се минува „на жими мајка“. Синдикатот алармираше дека полицијата работи без радиоврски и мобилни телефони оти нема репетитор, па само ги заведува лицата кои ја минуваат границата, смена држат во џип, а за тоалет се снаоѓаат.
„Се разбира дека контролата на овој премин е како и на сите премини, според пропишаните законски норми“, велат од МВР.
На забелешките од Синдикатот за оставениот руиниран објект наменет за полицијата во кој нема услови за работа, од МВР одговараат дека преминот е привремен.
„Привремениот граничен премин Стрезимир-Рестелица, како што и самиот назив кажува, предвидено е да функционира во краток временски период, кога тоа го овозможуваат временските услови односно околу месец и половина, од 18.07 до 01.09. Привремениот премин е значаен за меѓусебното поврзување на жителите од околните општини и ќе ги задоволи потребите во овој период на граѓаните кои живеат на подрачјето на општина Маврово и Ростуше, Република Северна Македонија и општина Драгаш, Република Косово, а ќе ги користат во најголем број жителите на селата Ростуше, Велебрдо и Жировница – од македонска страна, и на селото Рестелица, од косовска страна“, објаснуваат од МВР.
Оттаму нагласуваат дека во насока на реализација на стратешките активности за континуирано подобрување на материјално-техничките услови за работа на полициските служби, Министерството за внатрешни работи постојано набавува опрема за полициските службеници, а интензивно и посветено работи и на реконструкција односно реновирање на полициските станици, за да се овозможат подобри услови за работа. Досега се реновирани 56 енергетски ефикасни објекти, а деновиве најавуваат дека ќе бидат промовирани реновираните објекти во општина Ранковце и Старо Нагоричане, а со исто темпо велат дека ќе продолжат и понатака.
Синдикатот на полиција на Македонија денес побара Државниот инспекторат за труд, Санитарниот инспекторат и Народниот правобранител да направат увид на условите во кои се работи на граничниот премин.