Финансиска стабилност, борба против невработеноста и соработка со соседите и стратегиските партнери се дел од приоритетите на Литванското претседателство со Европската унија, претставени во Стразбур од страна на претседателката на Литванија Далиа Грибаускаите, јави дописникот на МИА од Стразбур.
– Само со гарантирање на финансиската стабилност на Европа, со подобрување на компетитивноста и со зголемување на растот ние ќе можеме да создадеме нови работни места и да ја вратиме довербата на јавниста во европскиот проект, порача претседателката на Литванија.
Главните приоритети на литванското претседателство ќе бидеат зацврстување на економската и монетарната унија, конструкцијата на банкарската унија, стимулирање на економијата и создавање на работни места, исто како и склучување на договор за слободна размена со САД, Јапонија и соседите од средоземјето, како и потесна соработка со партнерите од истокот на Европа.
– Литванското претседателство доаѓа во моментот кога ние треба да се концентрираме да го одржиме дадениот збор, коментираше претседателот на Комисијата Жозе Мануел Баросо.
Жозеп Дол во името на народните партии, изрази надеж дека литванското претседателство ќе биде одлучувачка етапа во создаваето на вистинска европска заедница за енергија.
Тој исто така подвлече дека е потребно да се спроведе на дело постигнатиот договор за долгорочниот буџет на ЕУ и реформата на заедничката европска аграрна политика.
Според европратеникот Јоханес Свобода, успехот на претседателството ќе се мери според начинот на кој се брани социјалната димензија.
Пред европратениците претседателката на Литванија не зборуваше директно за процесот на проширувањето, освен што го поздрави приситигнувањето на 28-та држава членка на ЕУ – Хрватска.
Според Далиа Грибаускаите, условите за тоа беа тешки, но тоа докажува дека ЕУ е подготвена да ги дава и да прима, инсистирајќи на потребата Европа да остани отворена и верна на своите вредности.