Четвртото издание на Фестивалот на нов европски филм – Beach Film Festival ќе се одржи во Охрид од 21 до 25 јули годинава.
Проекциите во рамки на фестивалиот ќе бидат на плажата Горица 3, на бродот Армада и во Музејско-културниот центар Лапидариум.
Влезот на фестивалот, како што информираат организаторите, е бесплатен на принципот прв дојден, прв услужен.
На овогодинешното филмско издание пубиката ќе може да погледне филмови кои патуваат директно од филмските фестивали во Кан, Венеција, Санденс, Берлинале и преку нив да пропатуваат низ 17 различни европски држави.
Жирито, како што информираат организаторите, кое ќе одлучува за наградите во трите официјални категории на долгометражен, краткометражен и студентски филм, како и за наградата Стефан Сидовски Сидо за најдобро актерско остварување ќе биде составено од три члена, Сергеј Трифуновиќ – актер, Ана Василевска – филмски теоретичар/критичар, Елеонора Венинова – сценаристка/режисерка.
Во рамки на фестивалот влегуваат и Специјалните Проекции во чиј склоп ќе биде затворен фестивалот со веќе востановената пракса – прикажување на македонски филм, каде годинава тоа ќе биде филмот Хомо на режисерот Игор Иванов – Изи.
На овогодинешното издание ќе настапуваат шест млади артисти, Хана Корнети, Андреј Татарчевски, Хамбар, Емили, Мартина Пенева и Никола Лошковски, додека едукативната програма годинава ќе се реализира преку две дводневни работилници. Едната за филмска критика чиј ментор ќе биде Ана Василевска и другата за филмска шминка која ќе ја предводи Ирена Сенокозлиоска.
Фестивалот се реализира во соработка со Агенција за филм, Општина Охрид и Музејско Културен Центар Лапидариум.