Шестнаесет лица загинаа во напад, извршен синоќа во Каиро врз приврзаници на египетскиот претседател Мохамед Морси. Министерството за здравство соопшти дека во нападот се ранети 200 лица.
Приврзаниците на Морси биле нападнати од група непознати лица, вооружени си огнено оружје.
Во меѓувреме во декларација, на Вишиот совет на вооружените сили на Египет, објавена на Фејсбук се наведува дека египетската армија е „подготвена да умре, заштитувајќи го својот народ од терористи, радикали и глупаци“.
Со ова армијата му одговори на Морси, кој го отфрли ултиматумот на воените сили, кои од него побараа да ги исполни барањата на народот и да се согласи на предвремени избори. Морси одби да поднесе оставка, нагласувајќи дека е законски избран претседател на државата.
Денеска истекува 48-часовниот ултиматум, даден од армијата до сите политички сили со барање да ја решат острата политичка криза.
Опозицијата го оцени синоќешното обраќање на претседателот кон нацијата за поттикнување на граѓанска војна, а претставник на младинското движење „Тамаруд“ го обвини претседателот дека му се заканува на својот народ.
Движењето ги повика милоните Египќани денеска да излезат на протести со барање за оставка на Морси, како и со барање претседателот и неговите соработници да бидат уапсени и изведени пред суд.