Во рамките на Регионалната програма за јакнење на институционалните капацитети на централните банки на земјите од Западен Балкан заради нивна интеграција во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), во соработка со Банката на Португалија беше воведена втората, од двете билатерални мерки, за понатамошно усогласување и хармонизација со статистичките барања на Европскиот систем на централни банки.
Како што соопштија од кабинетот на гувернерот на НБ, основната цел на оваа билатерална мерка е размена на искуства со Банката на Португалија во процесот на спроведувањето на Проектот за интегриран систем на известување за банките (ИСИДОРА) за статистички и супервизорски цели.
-Во рамките на соработката ќе се разговара за детално следење на барањата на ЕЦБ во врска со статистиката на билансни шеми, статистиката за иматели на хартии од вредност и грануларни податоци за кредити. Пренесувањето на знаењето и најдобрата практика на Банката на Португалија во процесот на интегрирање на статистичките барања ќе помогне во процесот на дизајнирање на нов систем за известување, којшто ќе обезбеди понатамошно усогласување со статистичките барања и истовремено ќе помогне за стандардизирање на барањата за известување, намалување на повеќекратното известување за податоците и минимизирање на товарот на известувачите, стои во соопштението.
Регионалната програма за јакнење на институционалниот капацитет на централните банки на земјите од Западен Балкан, финансирана од ЕУ, беше воведена во март 2019 година, во соработка со „Дојче бундесбанк“ како координатор на програмата и уште деветнаесет други централни банки од Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ) и Европската централна банка (ЕЦБ), а ќе се спроведе до крајот на 2021 година. Регионалната програма за обука опфаќа клучни прашања од областа на централното банкарство и супервизијата. Европската Унија (ЕУ) намени 2 милиона евра за оваа регионална програма од својот Инструмент за претпристапна помош (ИПА II), се наведува во соопштението.