Египетското претседателство го отфрли ултиматумот, упатен вчера од армијата до шефот на државата исламистот Мохамед Морси, со кој војската му даде рок од 48 часа да ги исполни „барањата на народот“, заканувајќи се во спротивно дека ќе наметне своја агенда на дејствување по масовните демонстрации во земјата.
Во коминикето, цитирано од француските медиуми, претседателството соопшти дека „декларацијата на вооружените сили не му била дадена на претседателот пред да биде распространета и соддржи сигнали кои можат да предизвикаат мешаница во земјата“.
Од службата на претседателот Морси дополнуваат дека шефот на државата е одлучен да продолжи по патот што го избрал за постигнување на заедничко национално помирување.
Во текстот се забележува дека „ваквата декларација ги продлабочува поделбите во земјата, која и без тоа веќе е длабоко поделена“.
Во коминикето на претседателството се дополнува дека Морси продолжува со консултациите со сите национални сили „за да го гарантира патот на демократските промени и заштитата на народната волја“.
„Египет на никаков начин нема да дозволи враќање назад, независно какви се околностите, се посочува во коминикето на претседателството.
Египетскиот министер за надворешни работи Мохамед Камел Али Амр поднесе оставка и нема да ја смени својата одлука, соопшти денеска електронското издание Масрави, цитирано од ИТАР-ТАСС. Според нив, министерот ја напуштила должноста по заострувањето на ситуацијата, што следеше по масовните демонстрации од 30 јуни.