Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, денеска изјави дека неговата земја е подготвена за дијалог со сите, но и дека има начин да одговори и на оние кои и се закануваат.
-Не сакаме да војуваме, тоа не е нашата цел. Многу се боревме, ја знаеме цената на мирот, но не паѓаме на колена. Не можеме да го направиме тоа што го сакаат нашите противници. Ние се заштитуваме себеси, нашите семејства , деца, земја. Ние не сакаме ништо повеќе од тоа, рече Лукашенко.
Претседателот додаде дека Минск е подготвен за фер, рамноправен дијалог и соработка со која било земја, но дека истовремено Белорусија има што да им одговори на оние сили кои „се обидуваат да покажат мускули на западните граници на Белорусија“, пренесуваат руските медиуми.
Лукашенко кажа дека белоруската армија е подвижна, сосема добро опремена и способна да се спротивстави на современите предизвици и закани и дека дури и противниците признаваат дека таа е една од најсилните вооружени сили во регионот.
Лукашенко го обвинува Западот дека е директно вмешан во ситуацијата во земјата, а Европската унија, Велика Британија, САД, Канада и други земји воведоа санкции против белоруските власти и некои компании.