Ковачевски: Ребалансот во насока на поддршка на стопанството и здравството

Од:

Со ребалансот на Буџетот за 2021 година се обезбедува поддршка за стопанството, како и дополнителни средства за здравството, со што ќе се обезбеди заздравување и враќање на економијата на патот на економскиот раст, истакна заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски образложувајќи го ребалансот на Буџетот за 2021 година, за којшто денеска почна расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

– Со ребалансот се обезбедуваат потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата, а кои се однесуваат на кредити со 0% камата преку Развојната банка за најпогодените сектори во износ од 615 милиони денари, потоа на кредитната гарантна шема преку Развојната банка во износ од 300 милиони денари, формирање Фонд за поддршка на извозни компании преку Развојната банка во износ 610 милиони денари, како и на капитални инвестиции во рурален развој преку ИПАРД во износ од 500 милиони денари, истакна Ковачевски.

Во областа на здравството, потенцира тој, предвидени се 123 милиони денари за реконструкција на јавните здравствени установи, a планирани се и дополнителни средства во износ од 790 милиони денари наменети за купување медицинска опрема и изградба и монтажа на модуларни болници. Дополнителни средства се обезбедени за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови и вакцини за имунизација на населението.

Со ребалансот за земјоделскиот сектор се обезбедуваат дополнителни три милијарди денари. Значајно е што заштитата на животната средина се зајакнува преку нова програма за зелен развој со 685 милиони денари.

Воедно, со ребалансот се обезбедуваат средства за инвестиции во спортски објекти во износ од 90 милиони денари преку Агенција за млади и спорт, како и за изградба на детски градинки и социјални центри во износ од 55 милиони денари преку Министерство за труд и социјална политика.

Kовачевски, образложувајќи го ребалансот на Буџетот за 2021, истакна дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Притоа, како што рече, останува заложбата за инвестиции во трајни добра со фoкус на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната, железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, земјоделството и заштитата на животната средина.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и истите се за околу 10 милијарди денари или за 4,7% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот.
Вкупните приходи во периодот јануари-мај 2021 година, како што информира Ковачевски, се реализирани во износ од 83,6 милијарди денари што претставува 39,3% во однос на планираните за 2021 година и претставува раст од 13,9% или во апсолутен износ од 10,2 милијарди денари во однос на истиот период од лани.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6%, односно за околу 21 милијардa денари повисоки во однос на планот.

Планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5% од БДП. Промените во дефицитот (зголемувањето на дефицитот од 4,9% на 6,5% во однос на БДП) се резултат на потребата за зголемено финансирање за сетот на економските мерки во Владата на РС Мaкедонија за справување со последиците од здравствено-економската кризата, а кои ќе се финансираат преку категоријата субвенции и трансфери и преку капитални расходи.

– Економијата се очекува да заздрави во 2021 година, при што растот е проектиран на 4,1%, колку што изнесуваше и со првичниот Буџет. Притоа инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции. Потрошувачката, исто така, е предвидено да го поддржи растот на домашната побарувачка. Приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 4%, а растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3%. Извозот се предвидува да забележи раст од 10,6%, а увозот раст од 11% на реална основа. Бројот на вработени е предвидено да се зголеми за 1%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5%, додека стапката на невработеност да се намали на 15,8%, нагласи тој.

Во однос на инфлација за 2021 година, предвидено е да изнесува 2,1%, што претставува одредено интензивирање на инфлацијата споредено со 2020 година, и е ревидирана нагорно во однос на првичната проекција (1,5%), при нагорна корекција на проектираниот раст на цените на примарните производи на светските берзи, како што се нафтата и прехранбените продукти, и нагорно придвижување на странската ефективна инфлација.

Ковачевски оцени дека Предлог-ребалансот на Буџетот за 2021 година заслужува конструктивна дискусија базирана на аргументи, меѓусебно почитување и очекува да биде поддржан од сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Приоритет ќе бидат когенеративните термоцентрали да изградиме четири или пет такви

(ВИДЕО) Лукаревска до Мицкоски: Го уништивте Скопје, каде ви се автобусите што ги ветувавте?

Мицкоски: Состојбата во Буџетот која што ја наследивме беше алармантна

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Николовски: Во Буџетот има помалку пари за земјоделците за 15% и 10 пати помалку пари за рурален развој

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година