Во услови на монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот, токму инфлацијата и нивото на девизните резерви се двата клучни фактора од кои зависи просторот за спроведување олабавена монетарна политика. Повисоко ниво на девизни резерви, а поумерена инфлација, значи и поголем простор за продолжено спроведување лабава монетарна политика. Најновите податоци укажуваат дека девизните резерви се одржуваат на високо ниво – тие надминуваат 4 милијарди евра, што е повеќе од двојно во споредба со глобалната економска криза. Инфлацијата умерено забрза под влијание на глобални фактори, но сепак тоа не се промени што ги создава побарувачката и засега не се очекуваат потрајни инфлациски притисоци, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Третата меѓународна научно-стручна конференција „Економски и социјални импликации од Ковид-19, предизвици и предлози за надминување“, чиј домаќин е Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во однос на идната поставеност на монетарната политика, додаде Ангеловска-Бежоска, НБ ќе продолжи да ги следи состојбите во надворешното окружување, особено во ЕУ, како и домашните услови и нивното влијание врз девизните резерви и инфлацијата.
Според гувернерката, од големо значење се и политиката и сигналите на ЕЦБ, од аспект на просторот за натамошно спроведување стимулативна монетарна политика и кај нас.
-На последниот состанок во јуни ЕЦБ одлучи да продолжи со олабавена монетарна политика, ја задржа каматната стапка во негативна зона и донесе одлука да продолжи со вбризгување ликвидност во системот и тоа поинтензивно во втората половина од годината, при очекувања за забрзување на инфлација оваа година, но и намалување наредната година, напомена Ангеловска-Бежоска.
Во излагањето таа се осврна и на досегашната реакција на централните банки од почнувањето на КОВИД-кризата наваму, при што нагласи дека во конкретните услови на почетокот на кризата, централните банки немаа друг избор освен силна реакција со цел стабилизирање на движењата на финансиските пазари. Гувернерката ги презентираше и мерките преку кои Народната банка реагираше, како и ефектите од реакцијата.