Десетици илјади противници на египетскиот претседател Мохамед Морси денеска се очекува да излезат на улиците во повеќе градови и да побараат негова оставка.
Голем број граѓани се уверени дека масовните протести ќе го означат почетокот на нова револуција во земјата. Истовремено, многумина стравуваат дека ако ситуацијата излезе од контрола, тогаш на земјата и се заканува граѓанска војна. Армијата предупреди дека ќе интервенира доколкусе случи насилство, во спротивно ќе ја почитува вољата на народот.
Организатори на денешниот протест е младинското движење „Тамарод“ („Востание“), кое собра околу 22 милиона потписи против Морси.
Лидерите на движењето планираат да им ја предадат петицијата на судските органи за да започне процес за соборување на претседателот од власт. Движењето е поддржано од други опозициски сили, на прво место од најголемиот либерален Фронт за национален спас.
Поради денешните планирани протести и контрапротести зајакнати се безбедносните мерки. Веќе три дена армијата ги затвори копнените граници.
Дополнителни воени единици се распоредени на Синајскиот полуостров, каде се наоѓаат илјадници вооружени екстремисти кои се подготвени при првиот сигнал да притекнат во заштита на исламистичката власт. Сите полицајци се, исто така, мобилизирани.
Осум пратеници од Горниот дом на парламентот вчера изјавија дека го напуштаат законодавниот дом за да им дадат поддршка на противниците на Морси.