Американскиот претседател Барак Обама ја изрази денеска загриженоста на Вашингтон поради протестите и политичките немири во Египет, повикувајќи ги сите страни да се воздржат од насилства.
Обама, кој се наоѓа во посета на Преторија, во Јужноафриканската Република во рамки на неговата африканска турнеја, истакна дека безбедноста на американската амбасада во Каиро и конзулатот во Египет се приоритет.
Според него, САД се во директен контакт со египетската Влада и планираат да ги обезбедат и заштитат своите дипломатски претставништва за време на протестите.
Притоа, Обама нагласи дека Вашингтон ги поддржува слободата на говорот и собирите во Египет.
– Егеипќаните се уште го бараат својот демократски пат и постојат проблеми во фокусирањето на суштинските прашања, како што се работните места и трошоците за живот, изјави Обама.
Во Египет протестираат десетици илјади приврзаници и противници на египетскиот претседател Мохамед Морси. Во вчерашните судири за време на собирот загинаа три лица, а 130 се повредени.
Американските власти ги предупредија своите државјани да не патуваат во Египет, а Стејт департментот, по синоќешните судири во кои загина и еден Американец, му порача на дипломатскиот персонал, доколку не е потребно да ја напуштат земјата.
Тензиите во Египет се зголемуваат пред закажаните утрешни масовни протести на опозицијата, кога навршува првата годишнина од инаугурацијата на исламистичкиот претседател.