Новоизбраниот ирански претседател Хасан Рохани денеска вети дека ќе спроведува политика на „конструктивна интеракција“ со светските сили, со цел да изгради доверба и да ги елиминира тензиите.
– Умереноста во надворешната политика не значи ниту предавство нитуконфронтација, туку конструктивна и ефикасна интеракција со светот, истакна Рохани во своето прво телевизиско обраќање откако беше избран на 14 јуни.
Тој нагласи дека умереноста мора да „воспостави рамнотежа меѓу реализмот и идеализмот“. Рохани наведе дека „интеракцијата и дијалогот ќе се засноваат на принципот на реципроцитет, почитување и взаемните интереси“, додавајќи оти ќе се бори за „сите ирански права и барања на земјата“.
Техеран тврди дека нуклеарната програма е за цивилни цели, додека Западот и Израел се сомневаат дека зад нуклеарните активности на Иран се кријат воени цели.