Лидерите на двете најголеми политички партии, Социјалистичката и Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ) од изборната коалиција „Алијанса за европска Албанија“, Еди Рама и Илир Мета на денешната прва средба се договориле само за функциите кои тие ќе ги заземат, јави дописникот на МИА од Тирана.
Како што и се очекуваше, Рама ќе биде новиот албански премиер, додека Мета ќе биде претседател на парламентот. Тие се договориле во новата влада да бидат опфатени и другите партии од коалицијата.
На 2,5 часовната средба Рама и Мета се договориле да се формира заедничка работна група која ќе подготви план за работа за првите 300 дена. Групата ќе ја предводат Илир Беќја од СП и Едмонд Хаџинасто од ЛСИ, а во неа ќе има и домашни и странски експерти од разни обасти.
На изборите од 23 јуни коалцијата обезбеди 84 пратенички места, 66 социјалистите, 16 ЛСИ и по еден Демохристијанската партија и партијата на Грците, Партија за заштита на човековите права. Коалицијата „Алијанса за вработување, благосостојба и интеграција“, предводена од Демократите на Сали Бериша, а во која беше и единствената македонска партија МАЕИ, освои 56 места, од нив демократите имаат 49 пратеници, Партијата на Чамите четири, и Републиканската партија три пратеници.