Репрезентацијата на Шпанија е првиот финалист на женското кошаркарско првенство кое се одржува во Франција.
Шпанските кошаркарки во првиот полуфинален натпревар на шапмпионатот ја совладаа селекцијата на Србија убедливо со 88:69, по четвртини 19-7, 29-21, 21-14 и 19-27.
Шпанија која на претходното ЕП во Полска 2011 година беше 10-та, по трет пат обезбедува пласман во финалните натпревари на континенталните првенства, откако 1993-година го освои златниот медал, а 2007-година се закити со среброто по поразот од Русија.
Која селекција ќе биде противник на Шпанија во финалето закажано за в недела од 20 часот, ќе дознаеме по одигрувањето на вториот полуфинален натпревар во кој ќе играат домаќинот Франција и селекцијата на Турција.
Овие две селекции и пред две години играа во полуфиналето на првенството во Полска, а тогаш кошаркарките на Турција за место во финалето се изборија со победата од 68:62, остварена по дополнителните пет минути.
Турчинките пред две години го освоија сребрениот медал, а Франција мораше да се задоволи со бронзата.
Натпреварот Франција – Турција ќе започне од 20 часот.