Поранешните вработени на Славија кои денеска пред Влада си ги бараа 39-те заостанати плати, како што пресуди и судот, се заканија дека ќе ја запалат Славија, бидејќи тие и ја изградиле и дека доколку не се реши проблемот ќе влезат во маркетите на „Тинекс“ од каде ќе земаат стока во вредност колку што им е долгот.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, одговарајќи на новинарски прашања рече дека за ваквата постапка ќе сносат законски последици и порача дека решението треба да го бараат во рамки на законските одредби.
Според Пешевски, Владата нема долг кон вработените во „Славија“, туку на вработените платите им ги должи фирмата.
Побарувањата се за периодот 1993-1994 година, рече Пешевски праша зошто овие луѓе дури по речиси 20 години си ги бараат платите од Владата, кога до пред два месеци доминантен сопственик бил некој друг.
Пешевски рече дека Владата нема интерес да биде доминантен сопственик во Славија и ќе ги преземат сите чекори потребни да го продаде тој удел.