Официјални лица на Еквадор соопштија дека неименуван службеник во владата издал неважечка пропусница на Едвард Сноуден.
Како што се наведува, пропусницата му е издадена да допатува во Еквадор и да побара политички азил.
-Документ од тој вид нема никаква валидност, а одговороста за тоа ќе ја носи лицето кое го издало, изјави секретарот за политичка управа Бети Тола и нагласи дека ќе се поведе постапка против тој што го издал документот.
Тола напомена дека барањето за азил кое што Сноуден го има упатено до Еквадор се уште не е обработено, бидејќи тој не е на нивна територија, како што налага законот.
Во меѓувреме еквадорските власти денес соопштија дека се одрекуваат од повластениот статус за трговија со САД, за да го докажат својот принципиелен пристап кон барањето за азил на Сноуден.
Еквадорскиот министер за надворешни работи, Рокардо Патино вчера изјави дека ќе бидат потребни дури два месеци за донесување одлука за барањето на поранешниот службеник на ЦИА, Едуард Сноуден.
Но подоцна на својот профил на „Твитер “ напиша дека новинарите погрешно го интерпретирале и дека одлуката ќе биде донесена за еден ден, недела или како во случајот Асанж за два месеци.
Елена Георгиевска