Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, вечерва од 20 часот ќе се отвори ретроспективна изложба „30 години творештво на Владимир Темков“.
Темков реализирал околу 50-тина самостојни изложби во Македонија, Хрватска, Бугарија и Франција, а учествувал и на стотина групни изложби и проекти.
Неговите дела се одбележани со мотиви од богатиот растителен свет и птиците.
Професорот, Кирил Темков во својата рецензија за делата на сликарот и графичарот вели дека тој постојано создава слики, кои од неговата младост се отсликуваат со персоналитет и творечка автентичност.
-Во сликарството Темков е модернист, кому му се блиски слободните форми, живата експресија поврзана со внатрешните динамични процеси, храброто решавање на предизвиците пред духот, настојувањата со богатиот, често со неочекуваниот колорит да ги надополни вештите креации на мајсторскиот цртеж- пишува професорот Темков.
По повод јубилејот 30 години творештво на Темков, издадена е и Монографија, а изложбата во Куманово ќе биде поставена до 10 јули.
Елена Георгиевска