Претседателот Морси предупредува на можна парализа на Египет

Од:

Египетскиот претседател Мохамед Морси предупреди дека една поширока побуна на неговите политички противници, може целосно да го парализира Египет.

Зборувајќи во Каиро, на годишнината од неговиот избор за претседател и пред масовни протести на опозицијата, закажани за претстојниот викенд, Морси призна дека има направено грешки, па им понуди на своите политички противници да дадат амандмани за новиот Устав. Тој меѓутоа на оние кои„ подготвуваат заговор“ за негово соборување, им се закани дека ја „саботираат демократијата“.

Пред настапот на Морси, кои два часа зборуваше на државната телевизија, во десетици египетски градови беа испратени силни армиски сили, за да се одржува редот и мирот.

Ваквата одлука е донесена по тешките судирања меѓу приврзениците на Морси, од неговото Муслиманско братство и исламистичките партии, со противниците на претседателот, во градот Мансура, во кои имаше двајца мртви и 170 повредени лица.

Опозицијата го обвинува претседателот за забрзана исламизација на Египет и за засилена поларизација во општеството на исламисти и оние кои се за секуларна држава, потоа за политичката елиминација на луѓето кои се противат на линијата што ја застапуваат Морси и неговото Братство, како и за поставување на исламистите на сите важни функции во земјата.

Мохамед Морси, кандидат на исламистичкото Муслиманско братство, од 30 јуни 2012 година е претседател на Египет. Тој е првиот исламист кој е избран на таа функција, која носи големи овластувања.

На изборите победи со тесно мнозинство, што предизвика опозицијата да се сомнева во регуларноста на резултатите. По стапувањето на должноста Морси се пресмета со воениот врв во земјата, тргајќи ги од функциите сите кои беа поставени во времето на сменетиот претседател Хосни Мубарак и најави нов Устав на земјата.

Нацртот на Уставот предизвика гневни реакции на опозицијата и судири меѓу неговите приврзеници и противници, затоа што документот ја форсира исламизацијата на Египет и заговара ограничување на слободата на говорот.

Би можело да ве интересира

Во близина на Египет потона туристички брод, спасени се 28 лица, потрагата по другите продолжува

Откриен вистинскиот лик на еден од најпознатите фараони во историјата

Предраг Петровиќ

43 повредени во автобуска несреќа во Египет

Железничка несреќа во Египет, има загинати и повредени

Египет упати апел до своите авиокомпаниите: Избегнувајте го воздушниот простор на Иран утре наутро

Египет бара формирање независна држава Палестина