По повод 30-годишниот јубилеј од основањето, „Матица македонска“ објави избрани дела во десет книги од писателот Раде Силјан. Во првите седум тома се застапени поетските книги на авторот, создадени во изминтите пет децении, а три тома се посветени на неговата критичко-есеистичка дејност.
Книгите се проследени со толкувања од Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Витомир Митевски, Луан Старова, Паскал Гилевски, Гоце Смилевски, Санде Стојчевски, Стефан Влахов-Мицов, Сретен Перовиќ, Думитру М. Јон, Елисавета Касабова, Ефтим Клетников, Миќа Цветиќ, Веле Смилевски, Мирољуб Стојановиќ и Христо Георгиевски.
Изданието во десетте книги го уредија Витомир Митевски, Паскал Гилевски, Блаже Миневски, Весна Мојсова-Чепишевска и Златко Жоглев. Делата се илустрирани со цртежи од познатите македонски сликари Васко Ташковски и Павле Кузманови, а автор на дизајнот на кориците е Методија Николовски-Спартак.
Раде Силјан (Жван, 1950) е автор на осумнаесет стихозбирки, на единаесет дела од доменот на критиката и есеистиката и на петнаесет антологии од македонската драма, расказ, поезија и критика. Приредил триесетина повеќетомни избори од творештвото на врвни македонски писатели, на јубилејни изданија на знаменити дела од нашето книжевно минато, како што се Зборникот на Миладиновци, „За македонцките работи“ од Мисирков, „Бели мугри“ од Рацин на сите словенски јазици, монографии и студии за македонскиот фолклор, за македонската народна митологија, за средновековното македонско сликарство и копаничарство, стотина преводи на класици и современи автори од светот.
Дваесет и шест негови книги се преведени на 17 јазици. Раде Силјан е добитник на национални и меѓународни признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“ за најдобра книга на Струшките вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ и „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија, како и на државните награди „11 Окромври“ и „Св. Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата.