Најновата книга за творештвото на Димитрије Бужаровски „ Увертирата оп. 54 и четирите симфонии“ ќе биде промовирана вечер во 20 часот на онлајн платформата Зум. Книгата е издадена од Факултетот за музичка уметност во Скопје и може да се преземе на страницата на архивот BuzAr.
-Книгата содржи голем број информации околу настанувањето и изведбите на овој дел од опусот на Димитрије Бужаровски, вклучувајќи ги и деталните анализи на формата и останатите музички аспекти на делата, информира Факултетот за музичка уметност.
Промоцијата ќе ја води деканот на ФМУ, професор м-р Живко Фирфов, а ќе ја промовираат рецензентите професор д-р Викторија Коларовска-Гмирја и професор д-р Трена Јорданоска. Покрај нив, на промоцијата ќе учествува и авторот Бужаровски и тројца диригенти, професор д-р Сузана Костиќ, професор Велко Тодевски и професор м-р Борјан Цанев кои ги извеле делата обработени во оваа книга.
Снимките од Увертирата и симфониите може да се проследат на Јутјуб каналот на архивот BuzAr.