Ангеловска-Бежоска: Се очекува постепено закрепување на извозот и раст од 15,2 отсто годинава

Од:

Извозот минатата година, при намалување на извозната побарувачка за нашите стоки и услуги, којшто беше со сличен интензитет како и во текот на глобалната криза во 2009 година, забележа пад од 10,1 отсто. За оваа година се проектира постепено закрепнување на странската побарувачка и раст на извозот од околу 15,2 отсто, што е важно за закрепнувањето на економијата по шокот што ѝ го зададе пандемијата. Впрочем, и податоците за првиот квартал од оваа година упатуваат на солиден раст на извозот.

Ова, како што соопшти Народната банка, меѓу другото, го истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на вебинарот посветен на улогата на монетарната политика во периодот на корона-кризата и на макроекономските проекции за 2021 година, организиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД).

Е-настанот го отворија проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров, деканката на Економскиот факултет при УГД, проф. д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска и проф. д-р Дарко Лазаров.

Во воведниот дел на презентацијата, осврнувајќи се на глобалниот амбиент и видувањата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Ангеловска-Бежоска, посочи и на значењето на глобалниот амбиент за извозната активност на македонската економија.

– За нас, како мала економија, од клучно значење е закрепнувањето на глобалната економија, односно на нашите најзначајни трговски партнери. ММФ предвидува раст на европската економија од 4,4 отсто, а 3,6 отсто за германската економија на која отпаѓаат над 50 отсто од нашиот извоз. Особено е значајно што се очекува солиден раст на германската индустрија поради вклученоста на домашните производствени капацитети во германските синџири на производство на автомобили, истакна гувернерката.

Таа додаде дека ризиците за проекцијата се главно поврзани со времетраењето на пандемијата, спроведувањето на процесот на вакцинација, продолжувањето на мерките за поддршка на економиите, како и брзината на враќање на довербата и стабилизирањето на очекувањата кај потрошувачите и инвеститорите.

Во излагањето, Ангеловска-Бежоска даде компаративен осврт на реакциите на носителите на монетарната и на фискалната политика кај нас, во регионот и на глобално ниво, од избувнувањето на пандемијата наваму, како и на досегашните видувања за постигнатите ефекти. Потоа, таа го претстави макроекономското сценарио на Народната банка за периодот 2021-2023 година, задржувајќи се одделно на сите клучни сегменти – очекувањата за економскиот раст, движењата на цените, билансот на плаќања и очекуваниот депозитен и кредитен раст.

– Се очекува дека 2021 година ќе биде година на постепено закрепнување на домашната економија, при што економскиот раст ќе биде поддржан и од банкарскиот систем. Економскиот раст нема да предизвика поголеми притисоци врз инфлацијата, којашто главно би се задржала на умерено ниво,посочи гувернерката во завршницата на излагањето, по што ги напомена и ризиците за проекциите, наведувајќи дека Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата.

Би можело да ве интересира

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Ана Ололовска

Позначајни движења кај останатите финансиски институции (ОФИ): прв квартал на 2023 година

Ана Ололовска

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Самит во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, на среден рок ќе се сведе близу до историскиот просек

Горан Наумовски