Шести Фестивал на францускиот филм

Од:

Шестиот Фестивал на францускиот филм утревечер ќе биде отворен во киното Синеплекс во Скопје со комедијата „Камиј повторува“ од 2012 година на режисерката Ноеми Лвовски, која заедно со сценаристката на филмот Флоранс Сејвос ќе бидат гости на свеченото отворање.

Фестивалот првпат годинава се отвора во Скопје, каде што на 27 јуни ќе бидат прикажани уште два филма („Збогум Берта“ и  „Алсест на велосипед“), а од 28-ми до 30 јуни ќе се пресели на својата стандардна локација – Охрид, во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Годинава на фестивалот ќе бидат прикажани 10 долгометражни и три кратки филма од најновата француска кинематографија. Фестивалските денови ќе ги затвори политичката драма  „Последната изборна кампања“ на  режисерот Бернар Стора, кој ќе биде присутен на фестивалот. Селектор на годинашното издание е Жан Мишел Фродон, поранешен главен уредник на „Каје ди синема“.

Амбасадорката на Франција Лоренс Оер на прес-конферернција рече дека овој фестивал е најголемиот француски културен настан во Македонија и се надева, рече таа, дека ќе биде фестивал на задоволство.

– Конципиран е поинаку од минатите изданија, ќе почне во Скопје и ќе продолжи во Охрид, но ќе донесе свежа продукција која очекувам да биде прикажана во комерцијалната мрежа. Целта не е само да прикаже филмови, туку покрај проекциите да воспоставиме и соработка за продукција и за филмска едукација.

– Ќе се обидеме режисерите, гостите на фестивалот, како и селекторот, кој е познат филмски критичар во Франција, да стапат во контакт со македонските филмски работници – режисери и продуценти и сите кои се заинтересирани, рече Оер. Додаде дека од тоа може да произлезе поддршка за млади творци од Македонија од нивниот Фонд за поддршка на светската кинематографија кој постои две години.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека во изминатите шест години Фестивалот на францускиот филм станал миленик на македонската публика, етаблирана синеастичка манифестација во која, како што рече, со нескриена возбуда уживаат и најпребирливите познавачи на филмската уметност.

– Многу млади луѓе, наши идни филмски работници се образуваат и добиваат непроценливи искуства токму од француската кинематографија… Фестивалот е од особено значење за македонската кинематографија и е можност да се зацврстат темелите на идната соработка меѓу францускиот и македонскиот филм, да се отворат можности за размена на уметници, продуценти, режисери, размена на искуства, со земја која претставува лидер во европската кинематографија, истакна Канческа-Милевска.

Фестивалот на францускиот филм го организираат Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Министерството за култура и градот Охрид и од регионот на Долна Нормандија, со кој неколку години Македонија има постојана соработка. Во посебен термин на фестивалот, во петок во Охрид, ќе биде прикажана програмата „Фокус на аудивизуелното творештво на регионот Долна Нормандија“.

Во рамки на фестивалот утре попладне на Универзитетот ЕСРА ќе има и предавање од Натали Стејф од Францускиот институт во Париз, на тема „Поддршка на светскиот филм“.

Би можело да ве интересира

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ