Генералниот секретар на Советот на Европа Турборн Јагланд ќе ја посети денеска Анкара.
Посетата е во критичен момент во односите меѓу Европската унија и Турција кои се влошија по острите критики на европските институции кон турските власти заради употребата на прекумерна сила при задушувањето на антивладините демонстрации.
Главно место во разговорите при посетата ќе биде тој проблем, јавуваат западни медиуми. Во почетокот кога почнаа протестите во паркот Гези во Истанбул, СЕ не даде коментар во споредба со останатите европски институции.
Но, на 16 јуни во писмена изјава на Анкара и беше предочено за обврските од европската повелба за човекови права.
Пред неколку дена Јагланд во интервјуза весник од Малта му порача на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган: – Употребувате значителна сила, треба да бидете внимателни.
Посетата на Јагланд е вонредна – не била планирана претходно. Предвидено е тој да разговара со турскиот премиер Ердоган за проблемот со задушувањето на протестите за паркот Гези, а исто така и со министрите за правда, за внатрешни работи и со министерот за европска интеграција.
И додека Јгланд ќе разговара во Анкара, ПССЕ ќе заседава во врска со случувањата во Турција.
Анкара бара начини да ги намали тензиите со европските институции кои остро ја критикуваа турската Влада заради употребата на сила во антивладините демонстрации. Министерот за европски интеграции, Егемен Багаш денеска ги поканил на средба во Анкара амбасадорите од европските држави.