Романија во последните 24 часа е погодена од силно невреме во кое беа поплавени домаќинства и уништени автомобили, а 30 лица се евакуирани.
Невремето денеска предизвика поголема материјална штета и го запре сообраќајот во некои делови од земјата, бидејќи обилните врнежи од дожд и силниот ветер соборија дрвја, оштетија неколку возила и поплавија домаќинства во 14 области и главниот град Букурешт.
Временските непогоди во последните 14 часа зафатија 25 градови во 14 романски области и главниот град Букурешт, соопшти Одделот за вонредни ситуации (ДСУ), пренесува Аџерпрес.
ДСУ потврди дека тимови за итни случаи интервенирале во Букурешт и 14 романски области за да отстранат вода од десетици домаќинства и улици, како и речиси 200 турнати дрвја, што оштетиле голем број автомобили, а 30 лица превентивно биле евакуирани во областа Бихор.
Железничкиот сообраќај привремено беше запрен на линијата Букурешт – Брашов, во близина на градот Флоресте, поради паднато дрво на пругата.
Патниот сообраќај, исто така, во мометов е блокиран на неколку државни и регионални патишта, а во округот Бихор на некои водотеци е воведена и редовна одбрана од поплави.