Издавачката куќа „Блесок“ го објави романот „Имагинарни случки од букурешките улици“ од романскиот писател Константин Абалуца, кој е достапен во печатена и во електронска форма. Книгата од романски на македонски јазик ја преведе Лидија Димковска, а е објавена со поддршка на Програмата за култура (2007 – 2013) на Европската унија и Романскиот културен институт.
Константин Абалуца (Букурешт, 1938) е претставник на генерацијата романски поети кои почнале да објавуваат кон средината на 1960-тите години.
По професија е архитект, но уште во младоста и се посветил на литературата. Пишува поезија, проза, драми и критики и досега има издадено повеќе од 40 дела. Препејува поезија од повеќе јазици. За своите дела добил повеќе национални и меѓународни награди. Неговите книги се преведени на повеќе светски јазици.
– Карактеристично за неговата литература е што за основа зема детали и предмети од секојдневието кои потоа мајсторски ги преобликува во длабоки лирски приказни за човекот и за неговите егзистенцијални прашања и одговори, информира „Блесок“.