ЦИА и специјалните сили на САД од минатата година тајно обучуваат сириски бунтовници во бази во Јордан и Турција, пишува весникот „Лос Анџелес тајмс“.
Војници од Сириската слободна армија учествувале во двонеделни програми за обука, која предвидувала работење со противтенковско и ракетно оружје, наведува весникот, повикуваќи се на изјави од американски претставници и бунтовнички командант.
Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни одби да ги коментира ваквите тврдења.
„Лос Анџелес тајмс“ не наведува колку војници ги минале обуките под американско раководство, но според теренски командант во Јордан истовремено се обучуваат од 20 до 45 лица. Според извори на весникот, бунтовниците се обучуваат да користат руско оружје, противтенковски оружја со калибар 14,5 милиметри, противтенковски ракетни гранати и 23-милиметарски противвоздушни ракетни фрлачи.