Најмалку 10.000 приврзаници на египетскиот претседател Мохамед Морси се собраа пред џамија во близина на претседателската резиденција во Каиро во знак на негова поддршка.
Митингот се одржа неколку дена пред најавените големи протести на опозицијата против Морси, кој ќе ја одбележи првата годишнина од доаѓањето на власт, кон крајот на месецов.
Демонстрантите во Каиро денеска носеа пароли на кои пишуваше „Исламот е решението“ и извикуваа „ДА за стабилноста, ДА за законитоста“. Собирот на египетските исламисти се одржува под мотото „Еден милион луѓе против насилството“.
Се очекува на протестот да учествуваат многу луѓе, бидејќи „Муслиманското братство“ се обидува да покаже дека има висок рејтинг.
Портпарол на Морси изјави дека „демократски избраните претседатели не можат да бидат соборени по пат на протести“.