Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва од 19 часот ќе игра против домаќинот Турција во натпревар за првото место во групата на Медитеранските игри во Мерсин.
Вчерашниот ден беше единствен слободен за нашата кошаркарска репрезентација, која со победите против Египет и Алжир во првите две кола од групната фаза, обезбеди пласман во полуфиналето.
Вечерва избраниците на селекторот Марјан Србиновски ќе се сретнат со главниот фаворит во натпреварувањето, а со евентуална победа Македонија би добила полесен противник во полуфиналната фаза.
Покрај Македонија и Турција, пласман во полуфиналето веќе обезбедија и Србија и Тунис, кои исто така вечерва во меѓусебен дуел ќе решаваат за првото место во другата група.
Според распоредот, веќе утре нашите репрезентативци ќе го играат полуфиналето, а во зависност од пласманот во групата, натпреварот ќе го почнат или од 16:15 или од 18:30 часот.
Финалето и мечот за третото место ќе се играат на 25 јуни (вторник).