Здруженијата за заштита на животните Анума Мунди и Асоцијацијата на активисти за права на живот, утре (сабота) ќе организираат акција за вдомување на животни.
-Ќе се обидеме на што повеќе кучиња и мачиња да им обезбедиме топол дом, па ги повикуваме сите граѓани кои сакаат да вдомат милениче, да дојдат од 17 до 21 часот на Плоштад Македонија и да спасат еден живот!
Под мотото „Прави добро во име на сите – луѓето, природата, животните“ секој ќе може да се вклучи и да понуди вдомување на кутре или маче, како и да си одбере миленик и со тоа да спаси живот.
На големата акција за вдомување ќе биде поставен и едукативен штанд со инфо материјали (Прирачник за одговорно чување миленици; препораки за грижа на милениците, флаери, плакати, летоци за полезноста од стерилизација и кастрација на милениците) и во секое време активистите на Анима Мунди и ААПЖ ќе бидат достапни за совети и дискусија за се што ги интересира љубителите на животни.
Секое вдомено кутре ќе добие извод и ваучер за бесплатна вакцина и прочистување, кој ќе може да го искористи во некоја од ветеринарните станици со кои соработуваме.
Целиот настан, бесплатните вакцини и средствата за дехелминтизација на животните се овозможени со грант од програмата CIVICA Mobilitas, спроведена од Центарот за институционален развој CIRa и финансиски подржана од Швајцарската агенција за развој SDC, а се дел од проектот „Јакнење на капацитетите на органите на ЕЛС и оптимизирање на јавните услуги – преку иновативност во механизмите за комуникација до (по)добро владеење,“, што го реализира Анима Мунди, велат од двете здруженија.