На седница на Собранието на регионалната кошаркарска АБА лига одржана вчера во Љубљана не беше прифатена желбата на повеќе екипи да биде воведен плеј-оф систем кој ќе го решава победникот.
Ваквата одлука беше образложена со немањето доволно слободни термини за воведување систем на разигрување за шампионскиот трофеј, поради згуснатите распореди во матичните првенства.
По ваквиот заклучок останува на сила „фајнл фор“ турнирот да го дава шампионот во ова регионално натпреварување.
Донесена беше и одлука пласман во Евролигата да обезбедат финалистите на завршниот турнир, иако имаше предлози лигашкиот дел да биде меродавен за учесниците во елитното натпреварување.
На Војводина која е потенцијален учесник во АБА за следната сезона продолжен и е рокот да ги обезбеди потребните средства за котизација која изнесува 150 илјади евра.
Претставник на Македонија во АБА лигата е шампионот МЗТ Скопје Аеродром кој во своето деби измината сезона го освои седмото место со позитивен биланс од 14 победи и 12 порази.