На Плоштадот Македонија во Скопје, словенечката амбасада во земјата организирааше промотивен настан во чест на претстојното Европско првенство во кошарка Евробаскет 2013, чиј што домаќин е Република Словенија. На настанот, присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– Сакам да ви посакам успешна организација, успешна промоција на вашата држава, но и успех на вашите државни репрезентативци, со кои ќе бидеме лути ривали, но секако и спортски пријатели. Секако дека со овие промотивни манифестации во повеќе градови во нашата држава ќе успеете уште повеќе да го подигнете интересот за кошарката и да привлечете уште поголем број гости на Евробаскет 2013, изјави градоначалникот на Скопје изразувајќи му поддршка на амбасадорот на Словенија во земјава Бранко Раковец.
Трајановски потсети дека вложувањето во спортот, особено во средношколскиот, е една од главните цели на Градот Скопје и оти тоа веќе и почна да ги дава посакуваните резултати, особено во кошарката.
– Македонија, по четврти пат ќе учествува на Европското првенство во кошарка, а по освоените 13-то место во Франција, 9-то место во Полска и 4. Место во Литванија, овој пат во Љубљана очекуваме да се најдеме директно во поделбата на медалите. Ќе биде уште поубаво, ако нашите две репрезентации, спортски си ги подадат рацете и да си честитаат на успесите, токму таму, на победничкиот подиум, истакна градоначалникот.
Во организација на Словенечкиот центар во Скопје, во Универзалната сала на 18 јуни, со пригодна културно-забавна програма, свечено беше одбележан Денот на државноста на Република Словенија.