Новинарите за протестите: ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се огради и извини, продолжува да дава поддршка на организираниот упад во парламентот

Од:

Новинарите што известуваа пред точно четири години за насилниот упад во Собранието, на вчерашниот настан гледаат како на разочарување од една политичка партија, која не се оградува од поддршка за едно насилно сценарио во кое постоеше опасност да има и човечки жртви. За медиумските работници, кои и самите беа погодени од немилиот настан, правдата сѐ уште не е задоволена и не треба да биде пазар на политичка амнестија.

„Разочарувачки е она што го видовме вчера, разочарувачки однос од една сериозна партија. ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се огради, наместо да се извини, таа со вчерашниот настан покажа дека и понатаму дава поддршка на организираниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Сите овие процеси даваат лоши пораки и во иднина може да доведат до уште посериозни проблеми во државата“, изјави Наташа Стојановска, новинарка во телевизијата „Телма“.

За новинарот Ади Ќаили од „Алсат“, на 27 април 2017 гледа како на граѓанска војна иако, како што вели, не била официјално прогласена. Според него, не може да им се прости на организаторите на настан од вакви размери и тие да останат на слобода, а уште поскандалозно е да се охрабрат и да протестираат за слобода за лицата што влегле со намера да тепаат, па дури и да убиваат.

„Граѓанската војна беснееше, не се знаеше дали ќе има жртви, цивили поседуваа оружје, слушавме повици дека тие ќе го окупираат Собранието и ќе убијат пратеници, како и секој што ќе ги попречи демонстрантите. Фрлаа со камења кон нас додека известувавме надвор од Собранието. Немам друг збор што одговара на овој немил настан, освен војна.

Протестите на овие што се нарекуваат уставобранители се водат од мотивот да се брани нешто што никој не им го одзел. Свесни сме дека постоеше опасност да ѝ се наштети на државата, да се разнишаат односите меѓу заедниците, со едно опасно сценарио што се подготвуваше за земјата. Смеатм дека сите политички фактори треба што е можно побргу да сфатат дека сите заедници учестуваат во градењето на државата, која не ѝ припаѓа само на една етничка припадност, туку на сите што живеат на оваа територија“, вели новинарот Ќаили.

И новинарката Соња Делевска, која денеска сподели дел од траумата од таа вечер кога Собранието се најде во доброорганизиран напад, вели дека многу долго време ќе треба да помине за да се врати чувството на сигурност кај новинарите што беа заробени внатре. Делевска порачува дека единствена сатисфакција е судската разрешница и утврдување одговорност кај оние што ги испланираа и им дадоа логистика на нападот и на насилствата.

„Тие што бранат уставонапаѓачи, за жал, се исти како нив, ама никако не се уставобранители. А слаб уставобранител е и нашето судство, кое со години не може да го заврши судењето на организаторите на терористичкото загрозување на Уставот и безбедноста на граѓаните на 27 април 2017 година“, вели новинарката Соња Делевска од „Сакамдакажам.мк“.

За време на насилниот напад, некои од новинарите беа повредени од предметите што се фрлаа кон пратениците. Преживеаја трауми додека известуваа, а беа принудени и да се кријат во собраниските ходници и во пратеничките кабинети. Повеќето од нив беа извлечени со полициска асистенција доцна вечерта.

Би можело да ве интересира

Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ презакажано за 14 ноември – обвинетите бараат Судот да го примени Законот за амнестија

Катерина Ѓуровски

ЗНМ: Правда за новинарката Душица Мрѓа за „27-ми Април“: значаен чекор напред во борбата против заканите врз медиумските работници

Се предаде Дејан Давидовски Дешо, баран по меѓународна потерница за настаните од 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Пандов пушта од затворите лица осудени за 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ кој не смееме да дозволиме да се повтори

Горан Наумовски

Јанакиески бил незаконски притворен и држен во домашен притвор за „Шпански скали“ и 27 април, пресуди судот во Стразбур

Александар Тодески