Откако беше прашана зошто своевремено присуствувала во домот на Боки 13 со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ја обвини новинарката дека прашањето е нарачано.
„Мислам дека процесот си трае, сите информации кои се битни за јавноста ги добивате. Без разлика на нарачаните прашања, мислам дека станува смешно да се политизира дополнително случајот. Случајот кој го отварате покажа колку нашата држава се променила. Новинарите поставуваат дури и нелогични прашања, но никој не ги критикува за тоа. Медиумите можат да критикуваат и многу ретко одлучуваат тоа да не го прават, меѓутоа она што е најважно е дека никој не е над законот. И затоа сметам дека како држава покажавме дека промените се возможни. Денеска никој во власта не може да штити никого ако правдата дојде по своето“, рече Шекеринска на денешната прес конференција, на која присутна беше и американската амбасадорка Кејт Брнс.
На ова, новинарката ја праша министерката дали мисли дека нејзиното прашање било нарачано, на што Шекеринска одоговори „Па не не, мене претходно ми кажаа дека чекате уште налог за прашање“.
Шекеринска и Брнс денеска ги посетија припадниците на АРМ и на вооружените сили на САД, кои заеднички работат на изградба на нови содржини на полигонот „Криволак“, пред почетокот на меѓународната вежба „Одлучен удар 21“.