Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ја посети стручната екипа од Турција која работи на дигитализација на ориенталната збирка што ја поседува Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.
Таа им се заблагодари ним и на Културниот центар „Јунус Емре“ за зафатот кој, според раководството на НУБ, е исклучително комплексен и скап процес зашто ќе опфати 1.250.000 страници или 2.586 ракописи и фрагменти на арапски од 12-ти до 20 век, 107 книги на персиски јазик од 16-ти до 19 век и 1.050 книги на османско труски јазик од 15-ти до 20 век. Во електронска форма веќе се достапни 50 книги на арапски јазик.
Вкупните трошоци (околу едно евро за една страница) ги покрива Турција која, по заокружување на зафатот, на Македонија ќе и додели и комплетна опрема за дигитализација. Договорено е и двајца македонски стручњаци да престојуваат во Институтот „Јунус Емре“ каде ќе го усовршат процесот на ревитализирање и дигитализација.
– Оваа збирка што ја поседува нашата национална институција е општоцивилизациска вредност и е значајно што е видена од Турција и е проценета дека е од огромна важност. Благодарение на тоа е дадена оваа голема поддршка – финансиска и стручна. Дигитализацијата ќе оди во две фази, до крајот на јули ќе заврши првиот дел и планираните околу 60.000 страници, а втората фаза ќе почне во септември. Задоволство ми е што денеска ги посетив стручните лица од Турција за лично да им се заблагодарам и да се запознаам со процесот на дигитализацијата на вредната ориентална збирка. Благодарност и за можноста да се едуцира наш кадар кој со нивна финансиска и стручна поддршка ќе оди во Турција, зашто кај нас ретко има лица што ги познаваат ориенталните јазици, истакна Канческа-Милевска.
Министерката потсети на новиот простор на НУБ изграден во 2009-та токму за дигитализација на книжното наследство што се чува во библиотеката.
– Можеби сме и единствени меѓу земјите од Југоисточна Европа кои наменски изградиле нов простор за дигитализација на библиотечното добро. Од 2009 до сега од археографската збирка на НУБ се дигитализирани 70 наслови или 1.500 страници, тоа се од збирката старословенски ракописи, од ретките книги се дигитализирани 195 наслови, односно 75.500 страници, а од ретката периодика се дигитализирани 11.800 страници. Од картографската збирка на НУБ се дигитализирани 12 карти од евидентираните 427 карти и 20 атласи, рече Канческа-Милевска.
Директорот на НУБ Миле Бошески изјави дека македонската е меѓу најбогатите ориентални збирки на Балканот. Содржи многу стари и ретки ракописи. Тие на арапски се, главно, со религиозна содржина, но има и од областа на правото, додека турските се претежно збирки поезија. Според стручните лица од Турција, во споредба со другите земји, ориенталните ракописи во Македонија се најдобро сочувани.
Ракописите најпрво се попишуваат, се утврдуваат нивните автори и насловите, јазикот на кој се напишани, како и степенот на оштетеност. Подобро зачуваните веднаш се дигитализираат, а останатите претходно се ревитализираат и се заштитуваат со конзервација.
Турските експерти во просториите на НУБ работат по најмалку 12 часа. Поради сложеноста на зафатот, не се знае колку ќе трае. Тој е дел проектот „Конзервација и ревитализација на културното наследство на Балканот“ што се реализира со турска експертска и финансиска помош и во кој, покрај Македонија, вклучени се и Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.