Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот што се подготвува треба да го трасира патот за забрзување на дигитализацијата и примена на најновите технолошки достигнувања во финансиите.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и претставници на Асоцијацијата на финансиските друштва денеска на средба во рамки на активностите за подготовка на стратегијата разговарале за новите технологии што ги применуваат овие финансиски институции, како и за предизвиците со кои се соочуваат тие како понови учесници во финансискиот екосистем.
На средбата е заклучено дека Народната банка во рамки на своите надлежности останува цврсто на определбата за овозможување отворен дијалог со сите заинтересирани страни коишто преземаат активности за поддршка на финтек-развојот.
Преставниците на Асоцијацијата на финансиски друштва, пак ја потврдиле подготвеноста за активно учество во подготовката на стратегијата за развој на финтек-секторот, како и споделување искуства, знаења и практики од европските земји со поразвиен сектор на финансиски услуги засновани врз технологија.
– Во разговорот беше посочено дека брзиот раст на алтернативното финансирање надвор од традиционалните канали, јасно укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиско посредување во домашната економија. Притоа, беше нагласено дека дел од финансиските друштва користат дигитални канали и нови бизнис-модели, соопшти Народната банка.
Соговорниците истакнале дека се бројни придобивките и можностите за развојот на финтек-секторот во нашата земја, како што е можноста за обезбедување поголем број и подобри услуги, пред сѐ, за потрошувачите, но и за малите бизниси. Финтек-секторот има потенцијал да ја зголеми финансиската инклузија, да го зајакне финансискиот систем, како и да придонесе за усогласување на финансискиот систем со меѓународните најдобри практики и може да помогне за интеграција на земјата во Европската Унија, се додава во соопштението.