Осмоодделенката Теа Стоилковска од кумановското училиште „Браќа Миладиновци” на 23 јуни годинава во Анталија, Турција, ќе учествува на јуниорската балканска математичка олимпијада, на која ќе се натпреваруваат над 120 ученици од дваесетина држави.
– Освоив златен медал во конкуренција на 40 најдобри математичари од државата. Имав чест да влезам во македонската репрезентација. Ова за мене претставува голем успех и предизвик. Очекувам успехот да го потврдам на Балканската олимпијада и да се вратам со медал, изјави Стоилковска.
Општина Куманово финансиски ќе ги поддржи патните трошоци за учеството на младата кумановка на олимпијадата.
– Успехот на Теа Стоилковска е и успех за нашата општина и држава. Во рамките на своите можности Општина Куманово секогаш ги поддржува активностите на нашите ученици, а особено на оние кои се талентирани во одредена област. Се надеваме дека ќе се врати со успех и ќе придонесе Куманово да се вброи во редицата градови кои се извор на таленти, рече секретарот на општина Куманово, Валентина Алексовска.