Во издание на „Бата прес“ излезе од печат романот „Звуците на бананите“ од современата турска писателка Еџе Темелкуран, која со преводите на оваа книга и со неколкуте изданија во Турција стекна светска слава.
Во Турција романот (Muz Sesleri) е објавен во 2010 година од издавачот „Еверест“ од Истанбул. Од турски на македонски јазик го преведе Дрита Карахасан.
– Токму ова комплексно дело, со длабока рефлексивна проза, со политички и социјален набој, во кој преку индивидуалните судбини се вмрежуваат меѓусебните влијанија, контрадикторности, но и отворени конфликти на државите, верите, расите, западната и источната култура, Оксфорд, Бејрут, Истанбул, мирот и војната, минатото и сегашноста, љубовта и омразата, академизмот и патријархалната култура… Сето тоа со преку 300 страници комплексна нарација на авторката, го направи овој роман меѓу најпопуларните современи романи во Турција, а со преводот на англиски и на други јазици во светот, стигна и до пребирливата американска и европска читателска публика, наведува издавачот.
Книгоиздателството „Бата прес“ ги откупи правата за објавување на делото на македонски јазик, а неговото печатење е помогнато од Министерството за култура на Република Турција.