Безбедноста и редот на парламентарните избори на 25 април ќе ги гарантира албанската државна полиција, за што ќе бидат ангажирани над 7.500 полициски службеници.
Директорот на секторот за јавна безбедност, Или Васили објасни кои чекори се преземени од страна на полицијата од декември минатата година.
– Првиот чекор беше обука на терен. Вториот чекор е обезбедување на изборната кампања. Третата фаза е да се обезбеди ред за време на гласањето и четвртата фаза ќе биде гарантирање безбедност за време на процесот на пребројување, рече Васили.
Во врска со „жешките зони“ додаде дека нема приоритетни области, туку дека се преземени сите мерки и обезбедени средства со кои се гарантира изборен процес без проблеми.
– Имајќи ги предвид претходните избори, онаму каде што се проценува, иако немаме такви информации, преземени се сите мерки, го насочивме целото внимание, да избегнеме каков било инцидент, а властите ќе интервенираат врз основа на позитивните законски прописи, додаде тој.
Според него, подготвен е план за заедничко делување со Националната гарда, за да се осигури безбедноста на високите политички личности, за време на одржување предизборни активности.
Државната полиција, исто така, ќе соработува со Министерството за одбрана, во заштита на објекти од посебно значење, во време кога сините униформи ќе имаат задача да го обезбедуваат изборниот процес.