По барање на Јавното обвинителство определен е триесетдневен притвор за шестемина уапсени во заедничката акција на МВР и американската служба за борба против дрога ДЕА.
Шесте лица беа уапсени во акцијата во која беше запленета дрога во вредност од 800 илјади евра. Тие вчера беа изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд.
„ОВР Кавадарци до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава за организирана криминална група, и тоа против Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик “, соопштија вчера од МВР.
Во акцијата во која беа уапсени шестмина, запленета беше дрога спакувана во 40 картонски кутии и марихуана во количина од 200 килограми.
Откако опозициската ВМРО ДПМНЕ го обвини блискиот роднина на премиерот Зоран Заев, Трајче Заев за наводна вмешаност во трговијата со дрога, тој се огласи преку Фејсбук и ги демантираше овие трврдења.
„Два дена по ред следам како еден политички субјект исклучиво заради сопствени политички цели се обидува да го извалка моето име и името на компаниите во сопственост на Заеви. За да биде јасно на целата македонска јавност, а посебно да се знае за злонамерната цел на политичката партија вмро дпмне сакам да го објавам следното: Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23ти Март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка“ стои во објавата на Заев.