Од печат излезе монографијата „Гордоста на Кавадарци“. Автор на книгата е Тимчо Апостоловски.
-Исполнет со љубовта за својот град, за сојот и пријателите на семејството, со желба од себе да ги излее позитивните чувства за своите сограѓани, Тимчо Апостолов ја направи книгата „Гордоста на Кавадарци“ како свој придонес за разбирање и признателност кон луѓето од својот град, вели проф. д-р Кирил Темков.
Во „Гордоста на Кавадарци“, на 380 страници е преставен патот до успехот на генералниот директор на Алкалоид – Трајче Мукаетов, на сопствениците на „ИГМ трејд“ – Илија Гечев, на КАМ маркети – Гоце Камчев, на винаријата Попова кула – Јордан Трајков, како и историјатот на компании како што се винарската визба Тиквеш, Дрекслмајер, Еуро никел индустри, Алијанс уан, Кожувчанка, Градба промет, Машино коп.
Книгата раскажува и за животните приказни на Никола Бадев, Васил и Зафир Хаџиманов, Љупчо Каров –Бубо, спортистите Тодор Гечевски, Врбица Стефанов, Петар Ангелов – Диви, Вуко Каров, Петар Анѓушев, Блажо Малинков, Димче Кичевски – југословенски и балкански првак и носител на бронзен медал од Европското првенство во карате, раскажани се и стории за фудбалскиот, кошаркарскиот и ракометниот клуб „Тиквеш“.
Прикажани се портрети на сите градоначалници на Кавадарци од 1946 до денешен ден, како и портрет на писателите Томе Арсовски, Петре Бакевски, Васил Мукаетов,Блаже Миневски, на Димитрија Ангелков – професор доктор по компјутерски науки, иноватор, креатор на „паметните“ канти за ѓубре и интерактивни табли, на Анче Наневска – сомелиер, доцент за храна и вино, независен консултант на интернационални компании во Рим и Лондон, Костадин Камчев сопственик на престижното музичко студио „Моцарт“ во САД.