Извозот на стоки во првите два месеца од годинава бележи раст од 21,1 отсто во однос на тој период лани, објави Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци вредноста на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари-февруари 2021 година, изнесува 1.301.104 илјади американски долари.
Вредноста на увeзената стока, според објавените податоци, во истиот период, изнесува 1.659.766 илјади американски долари што е за 15,1 отсто повеќе во споредба со тој период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-февруари 2021 година, изнесува 358.663 илјади американски долари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-февруари 2021, изнесува 78,4 отсто.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, ќерамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија во овој период најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.