Американскиот претседател Барак Обама денеска пред почетокот на Самитот на Г-8 изјави дека мирот во Северна Ирска претставува модел за оние кои живеат во конфликтни подрачја ширум светот.
Обама, меѓутоа, предупреди дека мирот меѓу католиците и протестантите и натаму може да биде загрозен и ставен на тест.
Американскиот претседател изјавата ја даде по пристигнувањето во Северна Ирска заедно со сопругата Мишел и двете ќерки, каде во летувалиштето Лох Ерн, на брегот на езерото, се одржува дводневен Самит на групата осум индустриски најразвиени земји.
На дневниот ред на Самитот се наоѓаат Сирија, трговијата и борбата против тероризмот.
Обама денеска ќе оствари средби со британскиот премиер Дејвид Камерон, рускиот претседател Владимир Путин и италијанскиот премиер Енрико Лета.