Смешно ми е да зборувам за одговорност бидејќи за да постои, треба да постојат институции и процедури. Ова е ставот на професорката Мирјана Најчевска, прашана дали Државниот завод за статистика го прекршува законот, бидејќи согласно него од денеска треба да се попишува на терен, но тоа не се прави. Таа вели: „Самото тоа покажува дека ниту една институција не функционира како државна институција, туку функционира како испостава на политичките партии“. Најчевска смета дека граѓаните одамна ја изгубиле довербата во процесот на попишување.
„Не може институциите да прават ништо, без да добијат дозвола од политичките партии. Поголем доказ за потполна партизација на државата од тоа не можам да замислам. Ова нема врска со право и процедури, нема врска со функционирање на институциите, ова е веќе многу подолу од кршење на правото и законите. Веќе ми е смешно да зборувам за одговорност, бидејќи за да постои одговорност треба да постојат институции, процедури, независни тела кои би можеле да спроведат постапка во којашто би се докажувала нечија вина или одговорност. Кај нас очигледно не постојат такви институции и малку ми е бесмислено да зборуваме за одговорност, пред кого ќе ги повикаме на одговорност?“, вели Најчевска, одговарајќи на прашањето дали Државниот завод за статистика смее да си дозволи да не попишува на терен, иако законот не е изменет, но и чија е одговорноста.
Според професорката, во одреден период се стекнал впечаток дека пописот може да даде делумно релевантна слика која ќе помогне во градење идни стратегии и политики, но со сите постапки се оспорува и таа малку останата здрава перцепција кај граѓаните.
„Ова веќе не е на ниво на прекршување или непрекршување на закон, политичка или статистичка операција, ова е на ниво на несериозност. Ниту една сериозна држава не може да си дозволи вакво нешто, ваков начин на измотување со граѓаните и со своите сопствени надлежности и со процедурите кои треба да ги спроведува. Не можам да замислам навистина друга држава, сериозна, во којашто се случува вакво нешто, во којашто не се знае до последен момент дали ќе има или ќе нема попис, како ќе се изведува, во што ќе се состои и сето тоа да не зависи од некои објективни причини туку од тоа дали на Бит-пазар ќе се испазарат партиите и нивните претставници“, додава Најчевска.
Инаку, Државниот завод за статистика нема да ги почне теренските активности за попишување, иако е законски задолжена тоа да го прави започнувајќи од денеска. Тие чекаат евентуално нова одлука од Собранието за да одлучат како ќе постапуваат во иднина. Наместо попишувачи на терен, денеска во Заводот за статистика се прави проверка на, како што велат, „ сите организациско-технички активности на терен за да биде уште повеќе сигурен дека сè е подготвено за евентуално започнување со теренското попишување“.