Плаќањата со платежните картички од страна на граѓаните во трговијата во земјата, во четвртиот квартал од 2020 година, забележува значителен годишен раст и кај вредноста од 34 отсто и кај бројот на остварените трансакции од 29 отсто, покажуваат податоците на Народната банка.
Според централната банка високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните во трговијата е пред сè резултат на исклучителниот пораст на бројот на плаќањата со платежни картички на местата на продажба на интернет, којшто во последниот квартал од 2020 година изнесуваше 153 отсто кој е двојно повисок од годишниот раст во истиот квартал од 2019 година кога изнесувал 71 отсто.
Во однос на користењето на платежните картички на физичките места на продажба од страна на граѓаните, во последниот квартал од 2020 година е остварен годишен раст од 22 отсто, што, Народната банка смета дека укажува на стабилна и непроменета состојба во растот па плаќањата со платежните картички на физичките места на продажба, во споредба со годишниот раст остварен во последниот квартал од 2019 година.
Податоците покажуваат дека негативното влијание на пандемијата е изразено кај плаќањата на граѓаните со користење на инструментот кредитни трансфери, коишто забележаа годишен пад од 3 отсто кај вредноста на трансакциите, но умерен годишен раст од 1,8 отсто кај бројот на трансакциите.
-Од почнувањето на ковид-кризата па наваму, во услови на потреба од заштита на јавното здравје, изолација и социјална дистанца, граѓаните сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронските кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните, во последниот квартал од 2020 година, се зголемил за значителни 39,5 отсто на годишна основа, што е трипати повеќе во споредба со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година (11,8 отсто). За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање, наведуваат од Народната банка.
Додаваат дека како и во изминатиот период во услови на пандемија, продолжува трендот на пораст на бројот на плаќања извршени со мобилен телефон, а во последниот квартал од 2020 година достигнува 105 отсто. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин, посочуваат од Народната банка, е исто така многу повисок од годишниот раст остварен во четвртиот квартал од 2019 година, којшто изнесуваше 42,6 отсто. Покрај тоа, во четвртиот квартал од 2020 година, иако послабо во однос на употребата на мобилните апликации, продолжува и растот на употребата на компјутерите за извршување плаќања во земјата од страна на граѓаните. Поконкретно, појаснуваат, кај овие плаќања, во четвртиот квартал од 2020 година се забележува висок годишен раст од 18,3 отсто, којшто е повисок за четирипати од годишниот раст во четвртиот квартал од 2019 година, којшто изнесуваше 4,7 отсто.
Условите коишто ги наметна пандемијата на Ковид-19 придонесоа за менување на навиките на граѓаните и во однос на иницирањето кредитни трансфери на хартија, придонесоа бројот на кредитните трансфери иницирани на овој начин да забележи годишен пад од 14 отсто во четвртиот квартал од 2020, наспроти годишниот раст во истиот квартал во 2019 година, од 12,3 отсто.
-Менувањето на навиките на граѓаните, во услови на ограничено движење заради пандемијата, придонесе за висок годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 145 отсто, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат од 31 отсто, во текот на целата 2020 година, оценуваат од Народната банка.