Проширувањето на ЕУ да продолжи, порака од Вахау Форумот

Од:

Министерот за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на годинешниот Форум, кој вчера и денеска се одржуваше во Вахау-Австрија, а оствари и билатерална средба со неговиот австриски колега и потпретседател на Федералната Влада на Австрија Михаел Шпинделегер.

– Главните пораки кои беа упатени се однесуваа на иднината на Европа. Сепак, Европа е најбогатиот дел од светот со прилично долг период на мир и комфор. Важно е за Австрија, како и за земјите од нашиот регион да продолжи процесот на проширување. Сметам дека во Австрија, а тоа беше и потврдено од нашите домаќини, имаме сериозен и посветен партнер на овој пат кој сака да ја види и Македонија и останатите земји од регионот дел од Европската унија, изјави денеска за МИА министерот Попоски.

Додаде дека станало збор и за перспективите колку брзо тоа може да се случи земјите од регионот да станат дел од ЕУ.

– Многумина упатуваат критики дека постои замор како во земјите кандидати од неисполнетите ветувања, така и во земјите-членки од проблемите со кои тековно се соочуваат. Но, ние мислиме дека тој замор не смее да се користи како изговор. Бенефитот ќе биде за целата Европа и кога ако не сега продолжиме со ширењето на овој најуспешен проект на мир и стабилност на целиот континент, рече Попоски.

Шефот на македонската дипломатија на Форумот имаше излагање на тема „10 години Заедничка безбедносна и одбранбена политика – како понатаму?”.

Генералната тема на годинешниот Европски форум беше: „Од другата страна на кризата – контури на новата Европа”, со фокус на актуелни прашања важни за иднината на Европската унија и тоа Европската безбедносна и одбранбена политика, субсидијарноста и  солидарноста, економската перспектива низ призма на буџетските политики, како и улогата на културата во европската интеграција и надворешните односи на ЕУ.

Би можело да ве интересира

Русија: Целта на ограничувањето на руската мисија во ЕУ е да се попречат дипломатските напори

Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија

Вајц: Македонија да испорача реформи, а ЕУ да ги исполни своите обврски

Лавров: Русија ќе започне преговори кога претставниците на ЕУ ќе се вразумат

Зеленски бара мировниот договор да го содржи точниот датум за пристапување на Украина во ЕУ

Захарова: Киев и ЕУ не сакаат да го продолжат дијалогот